[...] "Имам еден предлог." Се вдаде нанапред исто како мојата пријателка Април кога сакаше да каже некоја тајна, иако нејзините тајни не беа нешто особено. Не беа ни тајни.
"Можам да ти го вратам видот, но само ако не кажеш никому дека сум овде."
"Оди бегај!"
Трепна два пати. "Тоа и се обидувам да го сторам."
"Сакам да кажам, не можеш!"
"Зошто да не?"
"Па (досега) никој не успеал да ми го поврати видот, освен со очила."
"Имам некои моќи јас. Ќе видиш, само ако..."
"...не кажам никому за тебе?"
"Тоа е суштината, тоа е целта."
"Од каде да знам дека нема да ме ослепиш?
Можеби си како оние продавачите од телевизија што ветуваат а на крај само лажат."
Пак почна со кружните движења на рацете, прво во една насока, потоа во друга.
"Не би сторил такво нешто на суштество што не ми згрешило. "
"Што значи, ако ти згрешам, би можел да ме ослепиш?"
"Тоа не смеам да ти го кажам."
"А, ако ми го вратиш видот и не кажам никому, ќе ги напуштиш нашите полиња?"
"Тоа е суштината!"